МАНУ очекува фер и демократски избори, како и влада која ќе се справи со проблемите

10.10.2016 16:00

МАНУ очекува фер и демократски избори и потоа влада со политички капацитет да се справи со проблемите. Претседателот на Академијата, Таки Фити рече дека се тука да помогнат со својата стручност. МАНУ одбележува 49 години од формирањето и на празникот промовираше студија во која се изразува загриженост за состојбите во високото образование...

МАНУ сака да помогне во надминување на политичката криза. Претседателот на академијата вели дека проблемите нема да се решат преку ноќ, но дека академиците се тука да работат со предизвиците пред кои е исправена Македонија.

„Проблемите пред кои денес е иправена Република Македонија нема да се разрешат преку ноќ. Ние очекуваме организирање на фер и демократски избори и формирање на политичка влада со полн капацитет на одлучување, како вовед и итна претпоставка за разрешување на кризата. Меѓутоа, како што повеќе пати досега сме нагласувале, проблемите што се сега во фокусот на нашата стварност, бараат крупни реформи, многу знаење, енергија и политичка волја за нивно надминување“, изјави академик Таки Фики.

Академиците се согласни дека политичката криза има влијание и врз науката. Велат потребни се повеќе пари за научно- истражувачката дејност и високо образование по европски стандарди и по терк на стопанството. Во тој контекст академик Камбовски го коментираше отворањето на новите универзитети.

„Од МАНУ не било побарано мислење, ниту е лоша практика, ниту морало да се побара мислење, но е законска обврска и додека таа е предвидена со законот, за секој проект Министерството за образование и наука е должно да се обрати и да побара мислење од МАНУ“, рече академик Владо Камбовски.

Професор Ацевски пак смета дека високото образование во Македонија се наоѓа на крстопат.

„Или ќе тргнеме во еден правец каде навистина ќе правиме квалитетно образование, или ќе продолжеме да се соочуваме со овие проблеми кои се присутни денеска во Македонија“, вели професор Ацевски.

МАНУ одбележа 49-години од формирањето. Беше доделено највисокото признание- медалот „Блаже Коневски“. Го добија Суат Енѓулу од Турција и Душко Новаковиќ од Србија.

Викторија Милевска