Текстилна индустрија: Се бара еднаков третман со странските инвеститори
Домашните текстилни фабрики бараат еднаков третман со странските компании при вработување работници, а не како досега да преземаат обучен кадар во кој инвестирале постојните фабрики. Се бара и за нив да важат условите предвидени со проектот „Македонија вработува 2“. Извозот на текстил расте велат текстилците и за седум месеци од 2016-та тој достигнал 359 милиони долари.

За една или две илјади денари поголема плата странските инвеститори ги преземаат веќе обучените работници од домашните текстилни фабрики, без притоа да вложат ниту денар во нивната обука и дополнително остручување. Домашните фирми бараат државата да ги изедначи условите за користење субвенции за вработување од проектот „Mакедонија вработува 2“, односно истите услови да важат и за домашните, но и за странските фабрики во тирзовите.
„Значи, ако една македонска компанија сака да вработи младо лице до 35 години и да користи 3 години без да плаќа придонеси, што го овозможува овој проект, тој треба да биде најмалку 3 месеци невработен, а компанијата не смее да има намалување на бројот на работниците. Ако сака да вработи лице од 35 до 50 години, тогаш условот е тоа лице во последните 15 години да работело најмногу 5 години, односно минимум 10 години да било невработено. Зошто овие услови важат за нашите компании, а не важат за странските компании во Тирзовите?“, вели Ангел Димитров- претседател на Здружение за текстилна индустрија.
Бројот на вработени во текстилната индустрија се движи меѓу 35 и 36 илјади и е за 8 илјади помал од 2007-ма, но извозот на текстил расте, што се должи на повисоките фази на обработка, како и на поволната коњуктура во западноевропската индустрија.
„Кај производството на текстилни ткаенини имаме зголемување за 14,8%, додека кај производството на облека имаме мало намалување од околу 5%. Извозот на оваа стопанска дејност се зголемува од година в година и за 7 месеци од 2016-та изнесува 359 милини долари“, изјави Сашо Деспотоски, Стопанска комора на Македонија.
За да има поголеми плати во текстилната индустрија потребни се поголеми инвестиции во автоматизација на производството, вели Димитров. Тоа би ја зголемило продуктивноста, но би требало да го поддржи државата преку поволни кредитни линии и користење гарантни фондови, што засега, според него, не е случај.
Свето Николовски
