Нови проекти од половина милион евра во Василево
Фекална канализација и ревитализација на главната улица во Пиперево. Ова се двата инфраструктурни проекти...
Фекална канализација и ревитализација на главната улица во Пиперево. Ова се двата инфраструктурни проекти во ова населено место, чија што реализација почна денес. Жителите, велат дека долго време чекале да им се реши проблемот со канализацијата, но и собирањето на атмосферските води.
-Со канализацијата ќе е многу подобро, вели жител на Пиперево.
-Најпосле дојде моментот. И мислам дека ова во 21-виот век ќе е најдобро дело за село Пиперево, додава жител на Пиперево.
Новата улица која ќе ги акумулира атмосферските води ќе има и пешачка патека и улично осветлување.
Дополнително на тоа ќе имаме ревитализација на главната улица во Пиперево со атмосферска канализација на самата улица, ќе има пешачка патека и улично осветлување, вели градоначалникот на Василево, Ванчо Стојанов.
450 илјади евра ќе бидат потрошени за проектите, главно обезбедени преку Агенцијата за финансиска помош на руралниот развој, а дел од буџетот на општина Василево. Нивната реализација стартува две години порано од првично предвидениот рок.
-Со заеднички сили реализираме проекти кои што се значањи за подобрување на живот на граѓаните. Ова беше наше предизборно ветување, беше ставено во програмата и како и секогаш настојуваме она што е ставено во програмата да се испочитува и да се реализира, потенцира вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски.
Од Програмата за рурален развој, општиан Василево во 2014 година ќе гради крак од канализација во Анѓелци, две улици во Дукатино и Добрашинци и мост во Нова Маала.
Катерина Давчева
