Без југоисточниот дел ЕУ не е целосна

12.10.2016 16:34

Дебата во рамките на Школата за европски политики. Потребна е интеграција на Балканот во Европската Унија, вели германската амбасадорка Алтхаузер.

Последните години Европската Унија се соочува со многу предизвици. Брегзит ја смени структурата на Европската Унија, на пример, смета амбасадорката на Германија во земјава, Кристине Алтхаузер. Според неа, Унијата не може да е целосна без југоисточниот дел.

„Без југоисточниот дел Европа нема да биде целосна. Вие го спомнавате Берлинскиот процес, а и јас ќе зборувам за тоа. Вклучувајќи го и југоисточниот дел, потребно  е спроведување на суштински реформи. Поради тоа, ова може да прерасне во вистински трансформирачки акт“, смета Алтхаузер.

И после седум последователни позитивни извештаи за Македонија, изостануваат какви било гаранции за нејзиното членство во Унијата, смета Никола Димитров од советодавната експертска група за Балканот во ЕУ. Клучниот проблем, според него е во судирот на скептицизмот од земјите- членки со силната автократија во балканските земји.

Постои врска меѓу популизмот и скептицизмот во Европа и авоткратите на Западен Балкан кои не го сфаќаат проширувањето сериозно зашто не се доволно демократи. Недостигот од ентузијазам во Европа за проширување се користи како наратив кој се продава лесно на Балканот. Односно наратив на одбивањето и на сожалувањето“, вели Димитров.

Претседателот на Европската иницијатива за стабилност Кристоф Бендер посочи дека не е толку страшно и доколку земјите од Западниот Балкан не се интегрираат во Европската Унија бидејќи после сите спроведени реформи земјите од овој регион може да бидат само во подобра положба.

Проблемот со кредибилитетот е голем. Состојбата не се подобрува. Треба да прифатиме дека крајната дестинација можеби нема да биде членството“, смета Бендер.

На регионалната конференција посветена на проширувањето на Европската Унија, насловена како „Глобални потенцијали, локални предвидувања“, дебатираа учесници од Црна Гора, Косово, Албанија.

 

Фиљана Кока