Изгласани два предлог- закона за искористување и враќање на кредитите од КФВ банката
Пратениците изгласаа два предлог- закона поврзани со искористување и враќањето на кредитите од кредитната банка за обнова– КФВ од вкупно 16,9 милиони евра, наменети за системи за наводнување земјоделско земјиште. Мораше да се менува законот за да не пропаднат парите...

Укинувањето на водните заедници и овозможувањето крајни корисници на средствата од двата кредита земени преку КФВ банката да бидат земјоделските задруги се причина за подготвување измени на два закона со кои се регулира задолжувањето.
Кредитите биле земени во 2002-ра и 2011-та во вкупен износ од 16,9 милиони евра. Првиот кредит од 6,6 милиони е со рок на враќање од 40 години и со фиксна камата од 0,75 %, додека вториот на износ од 10,2 милиони евра е со 2,5% камата и рок на враќање од 20 години. Парите се користат за создавање модерна инфраструктура за наводнување на јужната долина на реката Вардар, на териториите на општините Валандово и Гевгелија, додека вториот кредит е за рехабилитација и модернизација на постојните системи за наводнување во Валандовско.
Практично станува збор за системи со кои што се овозможува наводнување на 2.500 хектари обработливо земјиште во јужниот регион на Вардар. Изградени се системи во Негорци, Богданци, Балинци, Ѓавато, Стојаково и Миравци. Истовремено се врши обнова и модернизација на постојните системи, со што се зголемува нивната ефикасност.
Средствата ќе бидат враќани преку Буџетот на РМ, затоа што крајни корисници на средствата од кредитот сега се земјоделските задруги кои според законот не можат да бидат носители на јавен долг и затоа обврските ќе бидат сервисирани преку ресорот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Свето Николовски
