Остра полемика на релација Вучиќ- Рама
Дебата на Белградскиот безбедносен форум. Евроинтеграциите, статусот на Косово, рудникот „Трепча“ и апсењето на Нехат Тачи во фокусот на разговорите. За албанскиот премиер Еди Рама евроинтегративните процеси се патот што ќе помогне да се раскинат врските со лошото минато. Вучиќ оцени дека со подобри политички врски во иднина нема сомнеж дека ќе се приближат до Европската унија...

Интензивните српско-албански разговори на премиерско ниво започнаа денес во Белград на Безбедносниот форум каде дискусијата меѓу двајцата премиери ја одбележа согласноста дека иднината на регионот ја гледаат во ЕУ, но и несогласувањето и дебатата за Косово.
„Мој став е Србија што побргу да го признае Косово, бидејќи тоа ќе биде подобро за сите. Постои процес кој го подржувам, а тоа е дијалогот-кој е важно средство во процесот“, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Српскиот премиер, Александар Вучиќ во дискусијата истакна дека Србија ќе го продолжи дијалогот со Приштина, бидејќи тој е услов за економски раст на целиот регион-
„Мораме да најдеме повеќе компромис, а ако не- тогаш сите ќе се заглавиме на патот кон ЕУ. Од ден на ден ќе биде се потешко, се менува атмосферата и многу е тешко и нам и на другата страна да се избориме со тоа“, нагласи Вучиќ.
И двајцата премиери се согласија дека иднината на регионот е во ЕУ, а во поглед на мигрантската криза дека одговорноста треба да се подели тогаш кога и другите ќе се согласат на тоа.
Разговорите меѓу двајцата премиери продолжија и на билатералната средба потоа, каде е истакнат значајот од изградбата на автопатот Ниш-Приштина-Драч. Посетата на Еди Рама на Србија продолжува и утре во Ниш, каде ќе се разговара за економските теми на Бизнис форумот Србија-Албанија.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
