Хан- Димитриев: Изборите единствено решение за политичката криза

14.10.2016 12:17

Од Владата соопштуваат дека на средбата била истакната значајноста и потребата за членство на Република Македонија во Европската унија, како и заложбата за спроведување на потребните реформи...

Еврокомесарот Јоханес Хан утрово се сретна со премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев. Од Владата соопштуваат дека на средбата била истакната значајноста и потребата за членство на Република Македонија во Европската унија,  како и заложбата за спроведување на потребните реформи.

Премиерот Димитриев, како што соопштуваат од Владата, истакнал дека е задоволен од фактот што  сите политички партии се согласиле дека се исполнети сите услови за реализација на фер и демократски избори и порачал дека владата за спроведување на изборите е фокусирана кон реализација на сите потребни активности за овој процес.

„Изборите на 11-ти декември се единствено решение за политичката криза и пат кон креирање на политичка влада базирана на волјата на гласачите која ќе функционира во полн капацитет и ќе реализира проекти кои се од интерес за сите граѓани и задоволувањето на нивните реални потреби“- изјавил Димитриев.

Хан оцени дека ова било конструктивна средба, на која посочил на потребата од кредибилни избори, спроведување на реформските приоритети, поддршка на специјалното обвинителство.

Тема на разговори била и миграцијата.