Хан се сретна со Јанева, Тачи и Ахмети
Во тек е средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа еврокомесарот Хан ќе разговара и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан кој денеска престојува во Скопје, оствари средби со лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети. Хан претходно имаше средба и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа по средбата кусо изјави дека разговарале за досегашната работа на СЈО. Негира дека на средбата станало збор и за евентуално формирање специјално судско одделение.
Ахмети по средбата со Хан, изјави дека нема доволно време за донесување нови закони.
Имавме корисна средба со господинот Хан. Поточно разговаравме за изборите од 11 декември исто стака и за преземените ангажмани од политичките сили потписнички на Пржинскиот договор, односно за тоа страните да го почитуваат овој договор и да го спроведуваат низ своите политички и организациски дејствија. Исто така, за тоа сите страни да се ангажираат на 11 декември да се одржат избори прифатливи за сите страни. Господинот Хан искажа подготвеност Европската унија да помогне и ги охрабри политичките сили да го респектираат и да го спроведат Пржинскиот договор, рече Ахмети.
Лидерот на ДПА, Тачи, нагласи дека дел од условите за изборите се исполнети.
Нашиот став е дека дел од условите за изборите се исполнети. Но, кога ќе се објават официјалните резултати, ако има еден факт што потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги повториле работите од минатите избори, ние ќе ги прогласиме за невалидни и нема да ги признаеме, изјави Тачи по средбата со Хан.
Во тек е средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа еврокомесарот Хан ќе разговара и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, претходно се сретна и со претставници на граѓанското општество и со премиерот Димитриев.
Детали за денешните разговори во Скопје, ервокомесарот Хан ќе соопшти на прес-конференција закажана во 14 часот.
