„Викиликс“ со нови податоци од електронската пошта на Клинтон, и Македонија се спомнува во нив

14.10.2016 15:33

И Македонија се најде во предизборието. Во лански службен допис објавен од „Викиликс“, Подеста кој има грчко и италијанско потекло, наместо Република Македонија го користи терминот ФИРОМ...

„Викиликс“ ја објави четвртата серија хакирани електронски пошти на Хилари Клинтон. Изборниот штаб на демократите тврди дека Русија стои зад кибер-нападот, но официјална Москва негира.

„Русија нема интерес во ова. Целта на оваа хистерија е да се пренасочи вниманието на американскиот народ од она што е објавено. Неважно е кој го сторил тоа. Важна е содржината на материјалите“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Шефот на кампањата на Клинтон го обвини основачот на порталот Џулијан Асанж за соработка со Доналд Трамп.Вели-не е случајност што упадот во неговата приватна сметка на „Џимејл“ се случил веднаш по објавувањето на видеото со неумесни изјави на магнатот во однос на жените.

„Мешањето на Русија и обидите да се манипулира кампањата во корист на Трамп треба да им укажат нешто на сите Американци“, рече Џон Подеста, шеф на изборната кампања на Клинтон.

И Македонија се најде во предизборието. Во лански службен допис објавен од „Викиликс“, Подеста кој има грчко и италијанско потекло, наместо Република Македонија го користи терминот ФИРОМ.

Земјава се споменува во уште еден контекст на изборната кампања за претседател на САД. Меѓу жените кои го обвинија Трамп за сексуално вознемирување, е и канадска новинарка со македонско потекло. Тој категорично ги негира изјавите и прашува-зошто дури сега решиле да проговорат на оваа тема?

„Обвинувањата се неверојатни, луди и спротивни на вистината, разумот и логиката. Имаме докази кои ќе ги побијат сите изјави и ќе ги објавиме во вистински момент“, изајви Доналд Трамп.

Годинашната претседателка кампања е оценета како најагресивна во историјата на федерацијата. Последното соочување меѓу Клинтон и Трамп е закажано за 19 октомври во Лас Вегас.