Анкета: Странските инвеститори задоволни од условите
Како најповолни ги посочуваат ниските трошоци, проактивноста на владините институции, како и лесниот пристап до европскиот пазар...

Владините бизнис и инвестициски политики се поставени на стабилна основа, а странските вложувачи се задоволни од условите. Како најповолни ги посочуваат ниските трошоци, проактивноста на владините институции, како и лесниот пристап до европскиот пазар. Ова го покажува најновата анкета, спроведена на 30 странски инвеститори во државава од автомобилската, преработувачката индустрија и од други сектори.
Како што соопштиja денеска на заедничка прес-конференција во Владата вицепремиерот Владимир Пешевски и Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, 96 отсто од анкетираните фирми се задоволни од инвестициската клима, 82 процента сметаат дека е одлична или многу добра, а 86 отсто повторно би ја избрале Македонија за реализација на своите инвестиции.
Анкетата е уште една потврда за добрата бизнис и инвестициска клима во Македонија, како и за вистинската насока во која се движат владините политики. Сепак, постои голем простор за напредок поради што продолжуваат напорите за постигнување уште подобри резултати, истакна Пешевски, најавувајќи креирање нов сет-мерки во оваа сфера.
Според анкетата, над 50 отсто од странските инвеститори ги имаат проширено инвестициите во земјава, а преку 80 проценти предвидуваат отворање нови линии за производство.
