Малцинството- клуч за формирање влада во Црна Гора

17.10.2016 16:13

Претворено во мандати, Демократската партија на социјалистите ќе има 35 мандати, Демократскиот фронт 18, коалицијата „Клуч“ девет, исто колку и демократите...

Прозападната Демократска партија на социјалистите на премиерот Мило Ѓукановиќ освои 41,1 % од гласовите на парламентарните избори во Црна Гора и очекува мандат за формирање влада, иако не го освои мнозинството гласови, опозицискиот Демократски фронт доби поддршка од 20,6 проценти од гласачите, а новоформираната коалиција „Клуч“ која исто така е против владејачката партија освои над 10,7 проценти.

Претворено во мандати, Демократската партија на социјалистите ќе има 35 мандати, Демократскиот фронт 18, коалицијата „Клуч“ девет, исто колку и демократите. Социјалдемократската партија освои четири мандати, а Бошњачката партија и социјалдемократите по два. По еден мандат имаат малцинските листи на Хрватската граѓанска иницијатива и Коалицијата на Албанците. Ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, што значи дека ниту една листа не може самостојно да формира власт, но во најдобра позиција е Демократската партија на социјалистите, на сегашниот премиер Мило Ѓукановиќ.

„Можеме со задоволство да кажеме дека Црна Гора го продолжува патот кон сигурна европска иднина. Дека во наредните неколку месеци ќе го ратификуваме пристапниот протокол на Црна Гора и НАТО и ќе ја донесеме одлуката за членство во НАТО. Ќе ги интензивираме преговорите со ЕУ и ќе покажеме подготвеност да бидеме членка на унијата“, изјави Ѓукановиќ.

На изборите кои имаа висока излезеност, дури 70 проценти, претставниците на невладините организации забележале пропусти и нерегуларности, додека пак од Државната изборна комисија велат дека немало сериозно крешење на изборните правила кои би влијаеле на тоа да се повтори гласањето на некое избирачко место. Изборите ги надгледуваа и 500 странски набљудувачи.

Освен парламентарните, во Црна Гора вчера беа организирани и локални избори во Будва, Котор, Андријевица и Гусиње. ДПС мина најлошо во Будва, каде што ја загуби власта по цели 11 години.

Ова беа 10-ти парламентарни избори во Црна Гора од воведувањето на повеќепартиски сиситем и беа најавувани како најнеизвесни досега.

Инаку, Црна Гора е единствена држава во Eвропа која не ја променила власта во последните 25 години.

Марина Автовска