Експресно донесен буџетот за 2017-та

17.10.2016 16:36

Владиниот предлог го поддржаа 72-ца пратеници, а 33 гласаа против. В година државната каса ќе располага со вкупни приходи од 3 милијарди и 50 милиони евра, додека расходите се проектирани на ниво од 3 милијарди и 353 милиони евра...

Експресно во еден ден, Собранието го донесе буџетот на земјава за 2017-та. Владиниот предлог го поддржаа 72-ца пратеници, а 33 гласаа против. В година државната каса ќе располага со вкупни приходи од 3 милијарди и 50 милиони евра, додека расходите се проектирани на ниво од 3 милијарди и 353 милиони евра. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 303 милиони евра, а економскиот раст 3 насто. Буџетот во 2017-та, според ресорниот министер Миноски, обезбедува редовна исплата на платите, пензиите, социјалната помош, како и сервисирање на другите потреби. капиталните инвестиции се планирани на ниво од 438 милиони евра, а во фокусот е поддршката на приватниот сектор.

„Во првото полугодие, во услови на зголемена политичка нестабилност, економската активност забележа раст од 2,1%. Значаен фактор на растот во првото полугодие беше градежништвото кое забележа раст од 17,8%. Земјоделството нотира раст од 2,7%, додека услужниот сектор од 1,3%“, рече министерот за финансии, Кирил Миноски.

Опозицијата не го поддржа буџетот и најави дека по изборите ако победи ќе биде променета државната каса.

„Ова што вие сега ни го прочитавте, 10 години ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, допрва народот ќе ги слуша истите приказни дека сме втори, трети во европа по економски раст, по незнам какви други дела. Смачено е, 30 милијарди евра потроши оваа власт во изминатите 10 години буџетски пари и сега вие ни читате капитални инвестиции најголеми во историјата, ни читате пензии плати и не знам што друго“, изјави Горан Сугарески, СДСМ.

За владејачката коалиција донесувањето на буџетот е во интерес на државата и на граѓаните и овозможува непречено функционирање на економијата.

„Верувајте дека со ова правиме добар гест за граѓаните на Република Македонија. Се разбира на следните избори доколку победи опозицијата и доколку е подобра во нејзините програми и граѓаните им ја дадат довербата, постојат механизми уште во првата недела овој документ да го изменат во однос на она што тие имаат намера како да функционираат и како да ја водат економијата. Меѓутоа никогаш и воопшто не треба да го поставуваат прашањето дали денес треба да го донесеме овој буџет или не. Ако си ја сакаме нашата држава, ако ги сакаме граѓаните, овој буџет мора денеска да го донесеме“, рече Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение на 122-та сесија Собранието го изгласа и предлог- законот за извршување на државниот буџет за наредната година.

Свето Николовски