Мосул: Ирачките сили напредуваат побрзо од предвиденото

18.10.2016 12:42

Ирачките сили напредуваат кон Мосул. Офанзивата се одвива побрзо од предвиденото. Враќањето на контролата на упориштето на џихадистите во северен Ирак, би можело да претставува закана за Европа, смета еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг.

Ирачките сили напредуваа кон Мосул, откако покренаа офанзива за ослободување на градот од рацете на џихадистите од Исламска држава. Во една од решавачките битки во војната против Исламска држава заедно се борат ирачките државни сили со коалицијата на чело со САД, но и курдскиот одред Пешмерга. Курдските власти соопштија дека нивните тенкови уништиле два камиона-бомби на милитантите. Поголемит дел од локалното население избегало од областа Нинива, откако пред две години исламистите го зазеле тој дел од Ирак.

„Во зависност од тоа што понатаму ќе се случува во Мосул, во најлошо сценарио, тоа би можело да се претвори во најголемата и најкомплексната операција во светот во 2016 година. Околу 700 илјади жители би можеле да бидат раселени на неодредено. Исто така, не можеме да ја исклучиме можноста од напади со хемиско оружје“, изјави Лиса Гранде, координатор на ОН за Ирак.

Во офанзивата учествуваат околу 30 илјади припадници на ирачките сили. Во текот на ноќта војската фрлала летоци над Мосул со инструкции за безбедност на населението.

„Стравуваме дека Исламска држава, како што правеше во Фалуџа, може да го користи цивилното население како жив штит. Една од клучните компоненти на воената кампања е обврската на безбедносни сили да ги заштитата граѓаните на Мосул што е можно подолго“, нагласи Гранде.

Еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг предупреди дека доколку ирачките сили го заземат Мосул, во Европа може да има прилив на џихадисти од Исламска држава. Се смета дека битката за Мосул долго ќе трае, а Обединетите нации стравуваат дека тоа би можело да предизвика хуманитарна катастрофа за околу милион ипол жители на вториот по големина град во Ирак, и последното големо упориште на џихадистите во земјата.

 

Марина Автовска