Вељаноски ги распиша изборите

18.10.2016 13:04

Народот е единствентиот врховен авторитет во земјата за надминување на политичката криза, изјави во Собранието претседателот Трајко Вељаноски по потпишувањето на одлуката за предвремени избори за 11-ти декември.

Со изборите легитимитетот се враќа кај народот, тој е единствентиот врховен авторитет во земјата за надминување на политичката криза, изјави во Собранието претседателот Трајко Вељаноски по потпишувањето на одлуката за предвремени избори за 11-ти декември.

Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој впрочем е единствениот врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава. Во меѓувреме Република Македонија ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии кои искрено верувам дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11-ти декември кога ќе треба во еден празничен изборен дух да бидат избрани народните претставници кои ќе го сочинуваат следниот деветти состав на македонскиот законодавен дом, рече Вељаноски.

Пратениците вчера попладне со 110 гласови „за“ ја донесоа Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија со што се отвора пат за одржување на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември согласно договорот на лидерите на четирите најголеми партии за надминување на политичката криза.