МЗТ ги победи сите четири српски екипи, Задар и Широки на дното
Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром ги одржа амбициите за пласман којшто на крајот на сезоната ...

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром ги одржа амбициите за пласман којшто на крајот на сезоната во АБА Лигата ќе обезбеди настап во Еврокупот. Потерата по Игокеа, којашто во моментов е шеста, ја продолжи со синоќешната победа над Мега Визура од 80-72 во 19.коло од регионалната конкуренција. Одмаздувајќи се за тешкиот пораз во Смедерево во 6.коло, МЗТ стана првиот тим кој сезонава ги победил сите четири претставници на Србија во лигата. Во мечот во кој нашиот тим водеше постојано од почеток до крајот, Сеад Шеховиќ беше најефикасен кошаркар со 20 поени. Прв стрелец на средбата во Арената „Борис Трајковски“ беше противничкиот центар Вардар со 23 коша.
Цедевита ја продолжи успешната резултатска низа на туѓ паркет, а шестата последовна победа ја забележа на гостувањето кај Широки. Славеше со 73-68, што и е само втор успех на секогаш жешкиот терен во „Пецара“. Хрватскиот тим ја засили одбраната во финишот и сепак ги запре расположените кошаркари на Широки, коишто иако без суперефикасниот Јанг, во еден момент имаа и двоцифрена предност, пред се порадил имаа одличното шутерско издание (11/22 за три поени). Домашниот состав во 39.минута поради пет лични грешки остана без најефикасниот играч Пашалиќ, што и ја олесни задачата на Цедевита. Екипата на Јасмин Репеша ќе го задржи второто место со биланс 14-5, а Широки е на делба на последното место со Задар, со ефект 5-14.
Ниту со новиот тренер Иван Сунара, Задар не успеа да направи победнички исчекор кон средината на табелата. Против Крка на македонскиот селектор Александар Џикиќ, која е и поранешен клуб на Сунара, Задар долго водеше се до 32.минута, но дозволи одлуката да паѓа во самиот финиш. На минута пред крајот беше нерешено 53-53, по што Клобучар и Бечировиќ со по два поена му ја донесоа победата на словенечкиот тим од 57-55. Нанесувајќи му болен пораз на далматинскиот претставник, Крка побегна од најопасната зона.
Солнок пристигна во Крагуевац без тројцата најважни играчи Ворен, Бадер и Симон, но сепак триумфираше над Раднички со 91-82 и побегна од дното на табелата. Под украинскиот репрезент сега се Задар и Широки. Клучен момент беше серијата од 16-3 на унгарскиот тим во последните четири минути од втората четвртина, со која обезбеди позитива од 12 коша на полувреме. Блескав настап на гостувањето во Србија имаше Војвода со 26 постигнати коша (4/6 за три поени). На спротивната страна Лешиќ даде 19 коша, но немаше доволна поддршка за да го спречи новиот неуспех на Раднички, кој сега има само еден триумф повеќе од Солнок.
19.коло во АБА Лигата продолжува денеска со натпреварите Олимпија-Игокеа (од 17 часот) и Црвена Звезда-Будуќност (од 19 часот). Дуелот на лидерот на табелата со најдобриот црногорски тим кој се бори за пласман на „фајнал фор“ турнирот, МРТ директно ќе го пренесува на Собранискиот Сервис. Во вторник ќе биде одиграно второто дерби на оваа рунда, Цибона-Партизан.
