Дополнителни два денари за откупен килограм Смедеревка

19.10.2016 10:23

Дополнителни два денари за секој откупен килограм грозје од сортата Смедеревка. Целта на оваа финансиска поддршка е да се ублажи состојбата со преземањето на поголемиот род на винското грозје од оваа реколта. Винарниците ќе имаат право на овие пари за купени повеќе од 1.500 тони.

Виннските визби кои од лозарите ќе откупат повеќе од 1.500 тони Смедеревка ќе имаат право на 2 денари субвенции за секој килограм. Ова важи само за купеното грозје од индивидуалните земјоделци.

Дополнителната поддршка има временско ограничување за купената смедеревка од 5-ти до 30-ти октомври годинава.

Според проценките во овој период се очекува да се соберат од 20 до 30 милиони килограми.

Инаку според договорот на винските визби со лозарите пред почетокот на откупот, Смедеревката со 17 шеќерни единици треба да се плаќа по 11 денари за килограм.

Исплатата според законот е во рок од 6 месеци и на три рати.

Првата рата од 20 проценти да биде платена до 15-ти декември, втората од 40 проценти најдоцна до 15-ти февруари наредната година и последниот износ до крајот на април.

 

Методија Трајков