Претседателските избори во САД не можат да бидат цел на компјутерски напади

19.10.2016 10:43

Претседателските избори во Соединетите Американски Држави не можат да бидат цел на компјутерски напади од странска држава, изјави претставникот на Националната Агенција за безбедност. Демократската партија обвинува дека Русија ги хакира мејловите на нејзините членови за да му помогне на Доналд Трамп, додека Трамп се сомнева дека изборите можат да бидат наместени од демократите.

Изборниот штаб на Хилари Клинтон веќе подолго време обвинува дека Русија со хакирање на нејзините имејлови се обидува да му помогне на Доналд Трамп и дека му ги дава овие информации на „Викиликс“. Доналд Трамп пак се сомнева дека изборите можат да бидат наместени од страна на демократите, бидејќи се дозволува да гласаат луѓе коишто не се американски државјани. Претставник на Националната Агенција за безбедност, која е најдобра во спречувањето на компјутерските напади врз американски цели, смета дека на изборите не може да се влијае од странство.

„Ако го погледнете системот за гласање и како тие се поврзани или не, имаше некои дискусии меѓу Хоумленд секјурити и Федералната изборна комисија за ранливоста на изборниот систем, мислам дека постои интегритет во овој систем зошто не е поврзан и секоја сојузна држава има поинаков пристап. Не гледам како може да се влијае на изборите на национално ниво“, изјави Курт Дјукс, Национална Агенција за безбедност.

Претставникот на воената разузнавачка агенција не одговори дали тие се одговорни за неодамнешното прекинување на пристапот на интернет на „Викиликс“ на чиј сајт секојдневно се објавуваат имејлови штетни за демократите. Од оваа агенција оценуваат дека САД лесно можат да бидат цел на компјутерски напади и  дека новиот американски претседател треба да ја подобри стратегијата за одбрана.

Националната Агенција за безбедност советува новиот американски претседател да предложи обединувањето на сите државни институции во едно тело за ефикасна заштита од компјутерски напади.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ