Битка за Мосул: Стара тактика на ИД, бомбаши самоубијци на дело
Ирачката војска ги повика локалните борци кои се приклучиле кон ИД во Мосул да го положат оружјето. Според информациите, во градот се наоѓаат околу 5.000 борци на Исламска држава.

Екстремистите на Исламска држава почнаа самоубиствени бомбашки напади за да ги спречат напредувањето на ирачката војска кај клучниот град во близина на Мосул. Ирачката војска соопшти дека трупите се приближиле на речиси еден километар до стариот христијански град Хамданијах.
Ирак вчера покрена голема операција за ослободување на вториот по големина ирачки град Мосул, којшто повеќе од две години е во рацете на исламска држава. Тоа е најголемата операција на ирачката војска од инвазијата на САД во 2003 година. Во неа учествуваат повеќе од 25 илјади војници, меѓу кои ирачката војска, курдската Пешмерга, сунитските племенски борци и шиитските вооружени групи.
Американската војска обезбедува поддршка од воздух, но и на терен. Учеството на шиитските вооружени групи во ослободувањето на Мосул, пак, го поттикнува прашањето дали офанзивата може да придонесе до нови верски судири. Организациите за човекови права веќе ги обвинуваа шиитите за злоставување по ослободувањето на областа од Исламска држава.
Ирачката војска ги повика локалните борци кои се приклучиле кон ИД во Мосул да го положат оружјето. Според информациите, во градот се наоѓаат околу 5.000 борци на Исламска држава.
Ирачките и курдските власти подготвуваат бегалски логор со 5 илјади шатори со вода за пиење, струја и храна во близина на Мосул, бидејќи се очекува голем број луѓе да избегаат во текот на офанзивата. Во Мосул живеат повеќе од еден милион луѓе, а се очекува офанзивата да трае со недели, па дури и месеци. Властите ги повикаа граѓаните да останат во своите домови, но подготвуваат и хуманитарни коридори за луѓето да можат да избегаат од судирите.
Агенцијата на он за бегалци соопшти дека досега избегале најмалку 900 луѓе, што е првата поголема група цивили за која е потврдено дека избегала од почетокот на офанзивата.
Соочени со пораз, џихадистите прибегнале кон различни тактики. По наредба на лидерот, Абу Бакр Ал Багдади, кој избега само половина час пред почетокот на нападот, ги наполниле тунелите под градот со експлозив. Покрај тоа ги запалиле и нафтените полиња, предизвикувајќи густ црна чад којшто и пречи на ирачката војска и на курдската Пешмерга.
Европа пак, во исчекување на расплетот на случувањата, стравува од враќање на дополнително радикализирани исламистички борци по падот на Мосул.
Марина Автовска
