Отворен ден на Катастарот за компаниите

19.10.2016 16:22

Бизнис секторот на средба со првите луѓе од Катастарот. Разговарано за подобрување на регулативата, за побрзи, поедноставни, но и поевтни услуги.

Директната комуникација меѓу бизнис-заедницата и катастар дава ефекти. Воочените проблеми меѓу градежните компании и агенцијата се надминати, а три правилници се дополнети, особено во делот на запишување во Катастарот на станбените згради и отворените гаражни места.

„Со дополнувањето на овие правилници се направи подобрување на регулативата. Гаражните места со отворена површина кои се надвор од затворениот гаражен простор во објектот можат да се предбележуваат во листот за предбележување на градба, а по изградбата ќе можат да бидат предмет на премер и да се запишат во катастарот на недвижности доколку одобрението за градба е издадено пред 29.08.2016-та“, изјави Славче Трпевски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Со овие измени се надминуваат проблемите на инвеститорите кои имаат одобрение за градба пред овој датум, затоа што со корекциите на законот за градежно земјиште со продажбата на стан ќе се продава и дел од земјиштето што ќе биде во заедничка сопственост, најави Трпевски.

Сојузот на стопански комори и Агенцијата за катастар договорија одржување отворени денови за средби со компаниите кои имаат проблеми од оваа област.

„Денеска од страна на компаниите е препознаена можноста за директно да бидат овде и да можат да разговаат за своите проблеми, како и да добијат одредени насоки од Катастарот, со цел да го решат проблемот“, вели Александар Зарков, оперативен директор во Сојузот на стопански комори.

Исто така, наместо да се изготвуваат нови елаборати во случај на грешки во описните податоци, приватните геодетски друштва во иднина ќе изготвуваат анекс на геодетскиот елаборат со што ќе се коригираат грешките и ќе може да се запишат во катастарот. Со тоа се намалуваат трошоците на инвеститорите и објектот побрзо се запишува во катастарот, вели Трпевски.

Освен во Скопје, отворени денови на катастарот со компаниите наредната недела ќе се одржат во Прилеп и во Битола.

 

Свето Николовски