Жестока дебата меѓу Трамп и Клинтон

20.10.2016 10:28

Трамп одби да каже дали ќе го признае поразот доколку Клинтон победи на изборите. Во Лас Вегас по трет и последен пат се соочија претседателските кандидати. Пред изборите на 8-ми ноември, нема надминувања на несогласувањата меѓу републиканецот и демократката...

Доналд Трамп одби да се изјасни дали ќе го признае исходот од претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Во најдобриот досега настап во третата последна дебата, Трамп ги истакна своите планови како ќе ја подобри економијата, безбедноста и просперитетот на државата. На неколку наврати ја принуди Клинтон да ги брани своите ставови за аферата со имејловите, донациите од компании и странски држави и фондацијата Клинтон, како и за штетните трговски договори, имиграцијата и слабата надворешна политика која воведе до создавање на ИДИЛ.

„Илегално доаѓаат, дрога тече преку границите. Немаме држава ако немаме граница“, нагласи Трамп.

„Не сакам да ги видам силите за депортација на Доналд во акција во земјава“, рече Клинтон.

Клинтон го обвини Трамп за лошиот однос кон жените, дека е марионета на Путин, дека не сака контрола на оружјето и наименување на судии и право на абортус.

„Целиот негов план е најголемо намалување на даноците за богатите“, изјави Клинтон.

„Морам да признам имаш искуство, повеќе од мене. Но е лошо искуство, бидејќи се што направи е лошо“, рече Трамп.

Во последното обраќање до гласачите, Хилари Клинтон се изјасни дека ќе работи за семејствата и дека ќе ги зголеми даноците за богатите. Трамп истакна дека гласот за Клинтон е продолжување на администрацијата на актуелниот претседател Барак Обама, нешто што Америка не смее да си го дозволи во наредните 4 години. 

На претседателските избори на 8-ми ноември ќе гласат од 120 до 135 милиони Американци.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ