„Силјан Штркот шанца“ - премиера на Македонскиот народен театар
Со оваа претстава МНТ воведува лектирен театар со мото „Театар за секое дете“...

Претставата „Силјан Штркот шанца“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Срѓан Јаниќијевиќ вечер премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар. Со оваа претстава МНТ воведува лектирен театар со мото „Театар за секое дете“. Но, иако е работена по мотиви од лектира за основно образование („Силјан Штркот“ на Марко Цепенков), најавена е како претстава и за возрасни, не само за деца и младинци.
„Силјан Штркот“ е македонска верзија на „Петар Пан“. Има многу конотации коишто мене многу ми значат, рече Јаниќијевиќ, задоволен од процесот на подготовката и од соработката со актерите поради што, како што рече, направил претстава на синергија.
Насловниот лик го толкува Александар Михајловски кој првпат игра главна улога. Покрај него, во актерската екипа се и: Нино Леви, Марија Новак (во алтернација со Магдалена Ризова), Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Александар Ѓорѓиевски (во алтернација со Славиша Кајевски), Висар Вишка, Кире Ѓоревски, Ана Стојановска, Тина Трпковска и Никола Ацески.
