Интернационализација на старт-ап бизниси
Во Фондот за иновации велат- успехот не се темели само на идејата и финансиската поддршка, потребно е и преземање на ризици.

Во Македонија има потенцијал за развој на млади претприемачи, тврдат странските експерти. Во Фондот за иновации велат- успехот не се темели само на идејата и финансиската поддршка, потребно е и преземање на ризици.
Кога се формира еден стартап тим потребно е да се има балансирано искуства од бизнис сферата и од технички аспект. Ова некогаш, доколку недостасува, може да биде слабост при имплементацијата на решенијата. Доколку само кадарот е технички, тогаш недостасуваат бизнис вештини и тоа може да биде проблем за да се најде соодветен клиент за да се продаде продуктот. Од друга страна доколку имаме само бизнис кадар, а немаме технички експерти, може да има проблем со реализацијата на иновативните решенија, изјави директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.
Според Волфганг Книејски од EIT Digital Accelerator, Македонија има претприемачки потенцијал, но потребно е македонските претприемачи да се отворат кон интернационалниот пазар, односно да ги пласираат своите иновативни решенија надвор од државата.
Фондот за иновации и технолошки развој денеска организира Конференција за интернационализацијата на старт-ап компаниите, која се одржува во рамки на годинашното издание на саемот „Технома“.
