Визија и добар тим за глобализација на бизнисот

20.10.2016 14:59

Во Македонија има потенцијал за развој на млади претприемачи, тврдат странските експерти. Во Фондот за иновации велат- успехот не се темели само на идејата и финансиската поддршка, потребно е и преземање на ризици.

Наместо страв од конкуренција и изговори за финансиска попреченост, акција и прифаќање на ризиците за развој и интернационализација на старт ап бизнисите- советуваат странските експерти и менаџери на бизнис аксцелератори. Со став дека младите претприемачи имаат голем потенцијал, ги советуваат да користат стручна помош и со добро поткован кадар да не стравуваат од странски пазари. Им нудат заеднички настап.

„Ние ги бараме најдобрите старт ап бизнис низ целиот свет, сега и во Македонија да ни се придружат, да ги развиваат и интернационализираат бизнисите. Целта е да им посочиме дека секогаш треба високо да ги постават своите цели, да настапат и да бидат конкурентни и на странските пазари“, вели Кенет Салониу, коосновач на Вертикал акцелератор- Финска.

Од Фондот за иновации посочуваат- македонскиот претприемач мора да изгради тим со балансирано искуство од бизнис сферата и од технички аспект, во спротивно ќе има слабост во имплементација на решенијата.

„Доколку само кадарот е технички, недостигаат бизнис вештини, тоа може да биде проблем да се најде бизнис клиент за да се продаде продуктот. Од друга страна, доколку има бизнис кадар, а нема технички експерти ќе има проблем со иновативните решенија“, изјави Јасминка Поповска, директор на Фондот за иновации.

Во европски и во светски рамки развојот на старт ап бизнисите станува примарна цел на банките. Во Македонија сѐ уште со недоверба гледаат на идеите на младите претприемачи кои се жалат дека финансиите се најголемиот проблем за развој на бизнис идејата. Експертите со став клучно е да се развие чувството дека не треба да се плашат од пропагање.

„Македонија има потенцијал за развој на младите претприемачи. Импресионирани сме од нивниот дух, но веќе е време тој потенцијал да се пренесе на меѓународниот пазар, да се одржат иновативни и да ја подобрат својата, но и економската состојба на земјата“, советува Волфганг Книејски, Еис аксцелератор.

Во Македонија има успешни старт ап компании кои постојано се во потрага по иновативни решенија и работат за извоз.

Сузана Фиданска- Стоевска