САД: За првпат во историјата можно е да не бидат признати резултатите од претседателските избори
За првпат во американската историја, можеби нема да бидат признаени резултатите од претседателските избори. Доналд Трамп најави дека го остава како резерва правото да ги оспори изборите поради неправилности. Американската јавност секојдневно се бомбардира со скандали од двата изборни штабови.

Доналд Трамп изјави дека ќе ги признае резултатите од изборите ако тој победи. На првиот митинг по последната дебата во Делавер, Трамп посочи дека 1,8 милиони починати луѓе се регистрирани да гласаат на изборите и дека 14 проценти од регистрираните над 200 милиони гласачи не се американски државјани.
„Се разбира дека ќе прифатам чист изборен резултат. Но исто така го оставам резервирано моето право да ги оспорам и да поднесам тужба во случај на изборни резултати што се под знак прашање. Секогаш ќе ги следам правилата и традицијата на сите кандидати пред мене. Но на крајот, ние ќе победиме“, изјави Доналд Трамп.
За време на дебатата Хилари Клинтон откри државна тајна околу процедурата за лансирање на нуклеарните проектили. Пентагон реагираше дека процедурата е тајна дека од давањето на претседателска наредба до лансирањето се потребни 4 минути.
„Кога претседателот ќе издаде наредба, таа мора да се изврши. Има околу 4 минути од давањето на наредбата и луѓето коишто се одговорни за лансирање на нуклеарното оружје, да го направат тоа. Затоа, дест луѓе коишто ја имаат таа огромна одговорност изјавија дека не му веруваат на Доналд Трамп со нуклеарните шифри и прстот на нуклеарното копче“, рече Хилари Клинтон.
На дваесетина дена до изборите, продолжуваат нападите на двата изборни табори. Трамп и Клинтон коишто одбија да се ракуваат на последната дебата, за последен пат се појавија заедно во јавноста на вечерата во Њујорк што традиционално ја организира католичката црква.
Веќе започнаа предвремените избори во Соединетите Американски Држави што ќе траат до 4-ти ноември.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
