Брисел: Лидерите бараат побрза депортација на мигранти
На дводневниот самит на ЕУ што се одржува во Брисел, 28 земји членки ветија побрза депортација на мигрантите и зајакната контрола на границите за да не им се дозволи влез на луѓето кои не ги исполнуваат условите за азил...

Европските лидери ветија побрзо депортирање на мигрантите и засилување на граничната контрола за да не се дозволи во ЕУ да влезат луѓе кои не одговараат на критериумите за азил. Претседателите и премиери на 28-те држави членки соопштија во декларација дека треба да се зголеми бројот на луѓе кои се враќаат во државите од кои тргнале особено во Африка, и да се забрза враќањето на мигрантите од грчките острови во Турција. Тие најавија дека новиот систем за проверки треба да биде завршен до крајот на годината.
„Јасно ставивме до знаење дека во однос на заштитата на надворешните граници, сакаме да се вратиме на Шенген. Како и да е, бидејќи оваа заштита сѐ уште не функционира доволно, потребни се привремени проверки на внатрешните граници. Сепак, се договоривме дека ќе целиме кон тоа постепено да се вратиме на Шенгенот“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Лидерите сакаат да биде постигнат и напредок на системот што дава можност за претходно вршење проверки за безбедност на луѓе кои имаат право за безвизно патување и евентуално да им се забрани влегување во шенген-зоната.
„Најважно сега е да се заштитат надворешните граници и исто така да се осврнеме кон причината за миграција. Договорот што го постигнавме, особено со Турција има позитивни ефекти и во моментов има процес којшто, колку што е можно е ставен под контрола“, изјави Франсоа Оланд, претседател на Франција.
Во првиот ден од средбата на високо ниво на ЕУ било договорено да се активираат напорите за ограничување на нелегалната имиграција од африкански држави. Покрај прашањето за миграцијата, лидерите се осврнаа и на состојбата во Сирија.
Германската канцеларка Меркел рече дека Европската унија би можела да преземе „мерки“ против Русија, доколку интензитетот на нападите врз сирискиот град Алепо остане на нивото на кое беше пред прогласувањето на „хуманитраната пауза“. Францускиот претседател Оланд, пак, изјави дека ЕУ не донела одлука за санкции против Москва поради нејзините активности во Сирија, но дека казнените мерки за Русија поради Украина остануваат во сила.
Марина Автовска
