По Трескавец, асфалтот ќе стигне и до Зрзе
По седумвековното постоење на зданието над бигорна карпа на работ на Пелагонија ќе води асфалтен пат. Пат до спокојот и е и до зачуваните културни вредности...

Ќе се гради пат до манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе. По седумвековното постоење на зданието над бигорна карпа на работ на Пелагонија ќе води асфалтен пат. Пат до спокојот и е и до зачуваните културни вредности, смета седумчленото братство во манастирот на близу илјада метри надморска височина.
-Секој пат кој поврзува значи многу за луѓето. А овој пат кој води до божјиот храм, до местото на мирот и спокојот, мислам дека вонредно ќе значи за секого. За секој човек со добра намера и добра волја, вели владиката Климент.
Се пешачи два и пол километри од селото Зрзе. Упорните посетители од земјава и странство знаат – тоа е местото на чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса, на трагите од ранохристијанството, на првите монашки ќелии од 9-от век. И се уште се обновува.
-Овде човекот отсекогаш живеел цивилизирано, но и градел своја вертикала низ вековите. Поседува не само локална, регионална, туку и универзална димензија, објаснува владиката Климент.
Патот што ќе се гради до манастирското здание што ги крие почетоците на манастирскиот живот во земјава, случајно или не, ја има симболиката со Трескавец. Ќе биде долг колку и таму – седум и пол километри.
Министерството за транспорт и врски го распиша огласот за изведувач. Државата и локалните власти сакаат да им го олеснат животот на преку 200 жители и да го развиваат овој микрорегион.
-Доаѓаат од цела Македонија, а имам информации дека доаѓаат и од Србија и Бугарија. Со изградбата на овој патен правец секако ќе има услови за развој на тој селски туризам, вели Боше Милошески, градоначалник на општина Долнени.
Патот до манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе треба да биде готов за 18-ина месеци.
Новинар: Елизабета Митреска
Снимател: Илчо Димески
