Вучиќ: Криминални групи во Србија подготвувале илегални активности во Црна Гора
Имаме докази дека криминални групи во Србија подготвувале илегални активности во Црна Гора, изјави доцна синоќа премиерот Вучиќ, нагласувајќи дека официјален Белград не стои зад нив...

По повеќедневна акција надлежните служби дошле до непобитни докази за криминални групи кои од Србија подготвувале илегални активности во Црна Гора, меѓу кои е секојдневното следење на движењето на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Имаме докази, фотографии, откриени се униформи, софистицирана опрема, 125.000 евра и признанија од приведените лица- изјави премиерот Александар Вучиќ по седницата на Бирото за координација на безбедносните служби.
„Надлежните органи дојдоа до непобитни докази дека и на територија на Србија се подготвувани нелегални активности насочени кон Црна Гора. Тие лица немаат никаква поврзаност со државата Србија. Некои од нив се приведени во Белград.Тие работеле со луѓе поврзани со одреден странски елемент“, рече Вучиќ.
Лицата кои го следеле црногорскиот премиер не се поврзани со уапсените српски државјани во Црна Гора- изјави Вучиќ, додавајќи дека за сите сознанија веќе ја информирал Подгорица.
На прес конференцијата која ја пренесуваше и РТС, српскиот премиер ѝ соопшти на јавноста дека постои зголемена активност на разузнавачките агенции и од Истокот и од Западот и дека е уапсен висок функционер на криминалистичката полиција кој соработувал со одредена разузнавачка служба.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
