Бизнисмените од Македонија и Бугарија бараат инфраструктурно поврзување
Патишта, железница, инфраструктура- ова, според бизнисмените од Македонија и од Бугарија, е клучно за поголема деловна соработка и трговска размена меѓу компаниите од двете земји. Побараа поддршка од државите.

Изградба на патишта, железници и инфраструктура е основа за интензивирање на деловната соработка и трговската размена. Бизнисмените од Македонија и Бугарија повторно проговорија за старите проблеми. Претседателот на заедничката стопанска комора, вели дека е недозволиво во 21 век од Скопје до Софија да се патува по калдрма. Шанса гледаат во евопските проекти со поддршка од владите.
„Државите треба да се вообразат во законската регулатива, да имаме предимство домашните компании од двете држави, бидејќи парите се наменски, европски, но граѓаните издвојуваат за тој европски сојуз“, вели Зоре Темелковски, претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.
Инвестиции има од двете страни, но бизнисот не е доволно помогнат за нивно проширување во поголеми размери што би било од полза за сите, оценува бизнисменот и кандидат за претседател на Бугарија, Веселин Марешки.
„Македонија и Бугарија се два братски народа меѓу кои нема никакви пречки. Наместо да ги истакнуваме разликите и тие да бидат посилни, треба да ги апострофираме и ползуваме сличностите“, нагласува Марешки.
Како политичар, тој истакна, ќе се залага за што побрз прием на Македонија во ЕУ и НАТО, но и за надминување на прашањето со името. Ги повика власите во Бугарија да направат максимални напори за Грција да не ја оспорува Македонија.
Ана Јосифоска- Тодоровска
