Македонија меѓу 10-те најдобри економии во светот за водење бизнис
Македонија е меѓу 10-те најдобри економии во светот за водење бизнис, објави Светска банка во најновиот извештај „Дуинг бизнис 2017“. Во глобалното рангирање, на прво место е Нов Зеланд, а потоа следуваат Сингапур, Данска, Хонг Конг, Кина. Во извештајот се рангирани 190 земји. Од регионот, Словенија е 30-та, Хрватска е на 43-то место, Србија на 47-мо, БиХ е 81-ва. Лани Македонија се наоѓаше на 12-тото место.

Историско десетто место за Македонија во рангирањето на Светска Банка „Дуинг бизнис 2017“, со значително подобрување на сите индикатори за бизнис од последниот извештај. Македонија е добро место за бизнис заедно со Нов Зеланд, Сингапур, Данска, САД.
„За првпат во историјата на „Дуинг бизнис“ Македонија се приклучи на првите десет топ реформатори за бизнис, што е големо постигнување. Ако погледнеме регионално, Македонија е најдобрата во регионот на Европа и Евроазија. Ова е постигнато со многу активен моментум на реформи“, вели Валентина Салтане, Светска Банка.
За да Македонија го задржи рангирањето во првите десет, ќе треба да продолжи со реформите, велат авторите на извештајот „Дуинг бизнис“.
„Мислам дека Македонија постигна одлични резултати заради намалувањето на бирократските пречки при почнување на бизнис. Глобалниот рејтинг на Македонија е на 4-то место од 190 држави во светот. Стопанственик ако ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично. Следниот предизвик ќе биде да се продолжи со реформирањето и да се пренасочи фокусот на правните институции. За заинтересираните субјекти автоматски да се обезбедат информации за да имаат транспарентен пристап до регулативата. Ова би бил следниот чекор што го гледаме како предизвик за државата“, изјави Салтане.
Оваа година, Нов Зеланд го презеде водечкото место од Сингапур, а од останатите балкански држави најдобра по Македонија е рангирана Словенија на 30-то место со пад од едно место и најслабо рангирана е Босна и Херцеговина на 81-то место.
Ова е 14-ти извештај „Дуинг бизнис“ на Светска Банка.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
