Бесконечна битолска ракотворба за Гинис
02.02.2014 14:11
Бесконечниот круг на битолчанката Мирјанка Илиевска е уникатната македонска ракотворба чија изработка...

Бесконечниот круг на битолчанката Мирјанка Илиевска е уникатната македонска ракотворба чија изработка е со маратонски времеплов. Започнала да го плети уште од својата десетта година. По над четири децени работа, кругот е со пречник од окулу два метри. Вели дека техниката е едноставна, а трошокот минимален. Го користи отпадот од целофанската амбалажа.
-Едноставно е мали правоаголни целофански парчиња се ставаат едно во друго. И се создава бескрајното парче кое го вртам во кругот, кој во моментов има 72.134 парчиња, вели битолската ракотворка Мирјанка Илиевска.
Секој слободен момент го посветува на ова несекојдневно хоби. Тоа ја отргнува од секојдневието, но признава дека делото има и симболика.
-Гледам повеке елементи. Ме симболизира мене, бескрајната љубов кон луѓето, почитта, упорноста и се она што може да биде позитивна човечка особина, додава Илиевска.
Позитивните критики од они што имале можност да го видат делото повлијаеле конечно ракотворката да се одлучи да затропа на Гинисовата врата.
-Пријавувањето е во фаза на постапка. Се надевам дека позитивно ќе одговорат затоа што според сите сознанија во светот не постои друг ваков рачно изработен предмет, по големина и време, вели Мирјанка.
Сепак за неа најважен е нејзиниот зацртан Гинис уште од детството. Вели дека ќе го надоградува додека е жива, а ќе има аманет и за нејзините деца.
Битолскиот бескраен круг сеуште не го кажал последниот збор, вели Илиевска.
Стевче Митревски
