„Дуинг бизнис“ е потврда за економските политики
Светска банка го објави извештајот „Дуинг бизнис 2017“, за глобално рангирање на 190 економии. На врвот е Нов Зеланд, следуваат Сингапур, Данска и Хонг Конг. Македонија се вброи меѓу десетте најдобри светски економии. Лани беме 12-ти. Од регионот, Словенија е 30-та, Хрватска е на 43-то место, Србија на 47 место, БиХ е 81-ва.

Рангирањето на Македонија во извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис 2017“ на високото 10-то место во светот по водење бизнис, е резултат на добрите економски политики, спроведените реформи, подобрените услови за работа на домашните и странски компании- велат од Владата.
Ова е историски резултат за Македонија и тој призлегува од големата посветеност и труд на Владата на Република Македонија, истакна Владимир Пешевски, вицепремиер задолжен за економски прашања.
Македонија е петто рангирана земја во Европа, а пред нас се само Данска, Норвешка, Велика Британија и Шведска. Според овој извештај Република Македонија е земја со најдобра бизнис клима на Балканот, но и во регионот на Европа и Централна Азија. Од регионот, Словенија е 30-та, Хрватска е на 43-то место, Србија на 47-мо место, а БиХ е 81-ва.
Процедурите за водење бизнис во Македонија се поедноставени и скратено е времето и трошоците, истакна министерот за финансии Кирил Миноски на денешната прес- конференција. Благодарение на реформите кои ги прави Владата, побрзо и поефтино се стопанисува во однос на минатото.
Македонија е високо рангирана, а даноците во нашата земја се меѓу најниските во светот. Денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три побрзо се увезува и извезува стока, пришто извозот е удвоен, а намален е трговскиот дефицит, нагласи Миноски.
Во споредба со извештајот „Дуинг бизнис 2007“, забележан е напредок од 84 места.
