Пожар во „Џунглата“ во Кале, евакуацијата поминува мирно
Според толкувањата кои се дадени од префектурата од Кале задолжена за евакуацијата, самите мигранти ги запалиле нивните досегашни живеалишта пред да заминат во центрите за прием и ориентација разместени во внатрешноста на Франција.

Минатата вечер, на повеќе места беа запалени повеќе намерни пожари, кои се интензивираа меѓу полноќ и три часот изутрината, посебно во трговската зона. Пожарот предизвика експлозии на боци со плински гас, при што еден сириски мигрант е полесно повреден. Беа евакуирани околу 150 до 200 мигранти, главо авганистанци и сиријци.
Според толкувањата кои се дадени од префектурата од Кале задолжена за евакуацијата, самите мигранти ги запалиле нивните досегашни живеалишта пред да заминат во центрите за прием и ориентација разместени во внатрешноста на Франција.
За два дена беа евакуирани и преселени во центрите за прием и ориентација 4.014 мигранти, од околу 6.400 до 8.100 кои живееја во џунглата. Најголемиот број од нив се од Авганистан, Судан и Еритреја.
Првоевакуираните веќе се сместија во новите живеалишта во кои ги имаат сите удобности достојни за нормален живот.
„По подолго време, тие за прв пат можеби се наоѓаат на сигурно и чисто место“, вели Алекс Десез, член на Асоцијација за помош на мигрантите.
„Навистина е добро, да навистина е добро. Но, јас сѐ уште немам пасош“, вели еден мигрант.
Лекари без граници вчера критикуваа дека се прави дискриминација според изгледот при евакуацијата на малолетниците кои се без придружба, односно дека оние кои изгледаат возрасни се ставаат настрана. Ова откако министерот за внатрешни работи, Бернар Казенев најави дека Велика Британија ќе ги прими сите малолетници мигранти кои имаат роднини во оваа земја.
Евакуацијата општо земено, поминува мирно. Од изутрината повторно има редици пред транзитниот центар, а екипитие за расчистување уште од вчера работат на демонтирањето на импривизираната населба.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
