Шенген аларм: Продолжуваат граничните проверки

26.10.2016 14:48

Европската комисија предложи продолжување на дозволата за извршување на гранични проверки за уште 3 месеци во рамките на Шенгенот...

Европската комисија предложи да се продолжи со 3 месеци дозволата на извршување на гранични проверки од Германија, Австрија, Данска, Шведска и Норвешка во рамките на Шенген.

„Сите имаме иста цел, односно да се врати нормалното функционирање на Шенген зоната без контрола на внатрешните граници што е можно поскоро. Во Грција има околу 60 илјади илегални мигранти кои може да тргнат кон другите земји-членки доколку се укине контролата на внатрешните граници“, изјави Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција.

Граничните контроли беа вратени во мај и јуни поради приливот на илегални имигранти. Претходно германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека внатрешните контроли треба да продолжат зашто надворешните граници на ЕУ не се доволно добро заштитени. Максималниот дозволен рок на гранични проверки според Шенгенското законодавство е до 2 години.

Во меѓувреме, италијанскиот премиер Матео Ренци се закани дека ќе го блокира буџетот на Европската унија ако источноевропските земји одбиваат да прифатат мигранти. Додаде дека наредната година ќе биде клучна за решавање на најголемата бегалска криза по Втората светска војна во Европа.

Италија учествува со 20 милијарди евра во буџетот на ЕУ, а назад добива 12 милијарди.

„Кој крева ѕидови против мигрантите, може слободно да заборави на италијанските пари. Ако не може да поминуваат мигрантите, нема да поминуваат ни парите“, рече италијанскиот премиер Матео Ренци.

Ренци потсети дека наскоро ќе се влошат временските услови и побара да се запре пловидбата на бродовите кои превезуваат мигранти и бегалци. За време на викендот, крајбрежната стража спаси 6000 луѓе. Во последните 10 месеци, во Италија пристигнале 155 илјади бегалци, односно исто колку што пристигнале во текот на целата ланска година.