Студентско практикантсво- линк меѓу образованието и бизнисот

26.10.2016 15:26

Студентите бараат посериозен пристап кон реализирање на практичната настава, покажале истражувањата на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања. Над 90 насто од анкетираните студенти би посетувале практична работа, доколку таа е незадолжителна.

Студентите бараат посериозен пристап кон реализирање на практичната настава и нејзино подобрување- покажале резултатите од истражувањето на Иститутот за социолошки и политичко правни истражувања. Дури 90 проценти од студентите рекле дека би се вклучиле во практиканска работа и доколку таа не е задолжителна, бидејќи на тој начин побрзо би нашле работа на пазарот на труд. Потребно е компаниите да имаат подобри програми за практиканство.

„Компаниите треба да бидат поотворени за соработка бидејќи имаме проблем во соработката во смисла дека компаниите не се секогаш во можност да примаaт практиканти или не се секогаш во можност да ги примат во секторот каде што студентот практикант сака да се остручува или му е по вокација негово образование“, вели проф. д-р Весна Забијакин-Чатлеска, Кариерен центар на ИСППИ- УКИМ.

Според продеканот на Градежниот факултет, Наков, искуствата од практичната настава се позитивни, студентите одат на терен, тоа што го учат гледаат како се применува во практика.

„Овој тип на практика е воведен од неодамна и првите впечатоци од студентите се позитивни особено кај студентите кои биле на практика во поголеми, поорганизирани компании каде што има што да видат и што да научат, оние кои се решиле за помали, локални компании се понезадоволни“, вели проф. д-р Дарко Наков, продекан за настава на Градежен факултет.

Голем дел од компаниите сакат практиканти, но тие да бидат претходно подготвени уште во образовниот процес – велат бизнисмените.

„Тој еден месец е кратко време за компанијата да добие каков било бенефит од луѓето што работат таму и не можат ништо да направат затоа што немаат доволно познавање за тоа што ги очекува на работното место“, вели Антони Пешев, претседател на Стопанска комора.

Со измените во законот практикантската настава за студентите во земјава стана задолжителна во последниве три години.

 

Андријана Атанасовска