„Дуинг бизнис“: Реформи за да останеме во првата десетка
Македонија е меѓу десетте реформатори во светот во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Економистите од оваа институција советуваат- земјава да продолжи да спроведува реформи за да остане во оваа група. Како следна цел за модернизација се посочуваат судовите и владините инстутиции. Пешевски и Миноски оценуваат дека е ова историски резултат, биле спроведени повеќе од 30 системски реформи за подобра бизнис- клима. За Наумов, успехот е само на хартија.

Македонија е во десетте најдобри реформатори во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, но за да ја задржи позицијата, е потребно да се спроведат дополнителни реформи- советува економистот Валентина Салтане од оваа институција.
„Мислам дека Македонија постигна одлични резултати поради намалувањето на бирократските пречки при почнување на бизнис. Глобалниот рејтинг на Македонија е на 4-то место од 190 држави во светот. Стопанственик ако ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично. Следниот предизвик ќе биде да се продолжи со реформирањето и да се пренасочи фокусот на правните институции“, изјави Салтане.
Според вицепремиерот за економски прашања Пешевски и министерот за финансии Миноски, високото место за Македонија е резултат на добрите економски политики и спроведените 30-ина структурни реформи, кои го подобриле деловниот амбиент.
„Ова е историски резултат кој произлегува од големата посветеност и труд на Владата на Република Македонија, на сите кои беа и се задолжени за економските политики, кои работеа и работат на спроведување на низа реформи со цел да се подобрат условите за работа на домашните и странските компании во земјата. Република Македонија е петто рангирана земја во Европа, а пред нас се само Данска, Норвешка, Велика Британија и Шведска“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
„Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит“, истакна министерот за финансии, Кирил Миноски.
Дополнителниот заменик- министер за финансии, Кире Наумов, порачува дека е потребно да им се помогне на домашните компании. Вели, извештајот „Дуинг Бизнис“ гледа што е направено на хартија.
„Дуинг бизнис ги гледа само нормативните мерки, значи што сте правеле нормативно, законски, дали сте имале некој напредок во тие нормативни мерки. Од друга страна Светска банка исто така имаше еден извештај кој се однесуваше на Република Македонија, во кој имаше многу критики, пред се во намалувањето на приватните инвестиции“, вели дополнителниот заменик- министер за финансии, Кирил Наумов.
Наумов за бизнис- климата разговаше со стопанствениците од Комората на Северозападна Македонија.
„Од аспект на инфраструктурата која секојдневно ги тангира компаниите, ние секогаш инсистираме тие инвестиции да бидат насочени кон подобрување на условите за бизнис“, вели претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.
Македононија во овој извештај на Светска банка за леснотијата за водење бизнис е на 10-то место во светот и на петтото во Европа.
Дијана Ценевска
