Почна предвременото гласање на изборите во САД

27.10.2016 10:36

Во 37 од 50 американски сојузни држави веќе започна предвремето гласање на изборите за претседател, Конгрес, Сенат, гувернер или за локална администрација. Над 10 милиони од пријавените 50 милиони Американци коишто побарале да го искористат правото на предвремето гласање, веќе го дадоа својот глас за некој од кандидатите.

Голем одѕив на американските гласачи на предвремените избори во 37 американски сојузни држави. Ако не сакате да гласате за Трамп, Клинтон, Џонсон или Штајн, Американците можат да допишат име на гласачкото ливче и да гласаат за таа личност. Во главниот американски град, некои од нив гласаа за сенаторот Берни Сендерс иако тој не е официјален кандидат.

„Гласав! Во ред!

„Гласав денес зошто редот е пократок.

„Се одеше глатко. Побарав да гласам како отсутен, но решив да дојдам лично бидејќи не знаев дека има предвремено гласање. Денеска проверија да не гласам двапати и беше лесно, ми беа потребни 5 минути за гласање.

„На 8-ми ноември ќе седам пред телевизор и ќе се молам следниот претседател да биде кандидатот којшто го избрав“- велат гласачите кои ги анкетиравме.

Од изборната комисија на Дистриктот Колумбија предвидуваат дека рекорден број на гласачи ќе го искористат правото на предвремено гласање од 22-ри октомври до 4-ти ноември. Не постои простор за местење на изборите, велат од комисијата.

„Нашите системи за регистрација и за гласање не се поврзани на интернет. Сѐ е интерно, но работиме со федералните и локалните агенции како ФБИ, Метрополитен полиција, Департментите за правда и за домашна безбедност, за да се осигураме дека се е безбедно и имаме поставено системи за заштита од надворешни закани. Засега нема опасности за денот на изборите и изборните резултати и сме оптимисти како течат изборите и очекуваме денот на изборите да оди глатко“, вели Тамара Робертсон- борд за избори на Дистрикт Колумбија.

Најголем број од регистрираните 207 милиони гласачи ќе го искористат своето право на глас на денот на изборите 8-ми ноември.

50 милиони Американци се регистрирани да гласаат на предвремените избори во САД. Една петтина од нив веќе го искористија своето право на глас.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ