Италија: Десетици повредени во двата земјотреса
Земјата во централна Италија продолжува да се тресе. Повеќе од десетина земјотреси се регистрирани по главниот што вчера ја потресе централна Италија и селото Усита со 5,9 рихтери. Едно лице почина, но поради инфаркт, а повредени се десетина во силниот потрес. Земјотресот е почувствуван дури и во Австрија. МНР информира дека нема повредени македонски државјани...

Неколку десетици луѓе се повредени во двата силни земјотреса што вчера ги погодија централните делови на Италија. Според последните инфорации едно лице починало од инфаркт, а неофицијално едно дете е во критична состојба. Потресите се случуваат два месеца откако во истата област во силен земјотрес загинаа околу 300 луѓе.
„Цивилната заштита веќе спроведуваше акции. Сѐ уште работеше со луѓето кои беа погодени во земјотресот на 24-ти август. Сепак, веднаш се реорганизиравме за да интервенираме. Контактиравме со градоначалниците од регионот. Овие земјотреси се површни, блиску се до површината и заради тоа беа почувствувани со тој интензитет. Можеме да замислиме како населението од погодените области живее сега“, вели Фабрицио Курцио, шеф на италијанска Цивилна заштита.
По првиот потрес од 5,5 единици по Рихтер луѓето истрчале на улиците, а само два часа подоцна следел уште еден, посилен со јачина од 5,9 степени.
„Се чувствувам многу лошо. Ми студи. Бев во комбе во тој момент. Продавницата е уништена, да не зборувам за домот.“
„Истрчавме надвор по првиот земјотрес. Бевме дома. Јас седев, гледав телевизија. Го почувствував потресот и нештата почнаа да паѓаат.“
„Видовме како ѕидот од нашиот дом се распука. Најверојатно не е безбедно таму веќе, бидејќи тоа се длабоки пукнатини“, велат жителите.
Спасувачките екипи во текот на ноќта ги пребарувале урнатите објекти и згради, а насловните страници на весниците пишува: „Ноќен кошмар на кој му нема крај“. Првиот потрес го почувствувале и жителите на Рим, а вториот бил почувствуван и во Венеција. Епицентарот на двата земјотреса е регистриран во близина на селото Висо, во централните делови на земјата, а агенциите пренесуваат дека се регистрирани 60 последователни потреси.
Марина Автовска
