Клинтон- Трамп: Спротивставени гледишта за надворешната политика

28.10.2016 10:35

Ставовите на двајцата претседателски кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон за надворешната политика на Соединетите Американски Држави се тотално спротивставени. Изборот на Трамп за нов американски претседател ќе направи земјотрес во Вашингтон, додека изборот на Хилари Клинтон ќе значи продолжување на истата американска надворешна политика, оценуваат американските експерти.

Доналд Трамп ќе ја гледа американската надворешна политика како средство за остварување на американските интереси. Негов приоритет ќе биде победата над Исламската држава, за што е подготвен да преговара со Русија, која се противи на проширувањето на НАТО и на Европската унија, оценуваат експертите од институтот „Брукингс“ во Вашингтон.

„Трамп е против сојузите и поделба на товарот со сојузниците. Мислам дека ќе се обиде да ја повлече Америка од безбедносните обврски во светот. Тој е против слободната трговија, сака покапиталистички систем и е наклонет кон Русија“, вели Томас Рајт-експерт на институтот „Брукингс“.

„Во основа избегнување на конфликти и заемни обвинувања за вмешаност во нашите политички и изборни системи, веќе е чекор напред во односите со Русија. Нема да се вратиме на ресетирање на односите и ценкање за стратешките цели и партнерства“, смета Фиона Хилексперт на институтот „Брукингс“.

Хилари Клинтон ќе има сериозен конфликт со Русија доколку биде избрана за американски претседател. Таа во најголема мерка ќе ја продолжи сегашната американска надворешна политика.

„Прашањето е како Клинтон ќе биде поразлична од Обама? Тешко е со сигурност да се каже, бидејќи таа во моментов ги минимализира разликите со претседателот Обама. Од анализ ана секоја нејзина изјава можеме да заклучиме дека ќе има многу мали разлики од политиката на сегашната администрација“, вели Рајт.

Трамп ќе ја води Америка кон изолација, додека Хилари Клинтон е за соработка со сојузниците и пријателските држави, оценуваат американските експерти.

Изборот на Доналд Трамп ќе донесе промена на американската надворешна политика, додека изборот на Хилари Клинтон ќе значи продолжување на актуелната политика кон светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ