Груевски во Лондон на средба со раководниот тим на КПМГ

28.10.2016 11:54

Груевски по средбата изјави дека презентирале многу детали за македонската економија и за нејзиниот прогрес, за правењето добра бизнис клима, за следните чекори што се планираат...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со партиска делегација е во Лондон. Оствари средба со раководниот тим на КПМГ (KPMG), една од водечките консултантски и финансиски организации во светот, којашто редовно објавува извештаи за македонската економија, кои се важни при носењето на одлуките за инвестирање.

Груевски по средбата изјави дека презентирале многу детали за македонската економија и за нејзиниот прогрес, за правењето добра бизнис клима, за следните чекори што се планираат, предизвиците со кои што се соочува и резултатите на домашен план во смисла на намалената невработеност.

„Македонија е многу интересна приказна во поглед на начинот на кој што оствари исклучителен прогрес во создавањето на услови за правење на бизнис. Од 94-то место во извештајот на Дуинг бизнис на светската банка пред десетина години, сега е на 10-то место во светот и тоа кога Велика Британија падна од 5-то на 6-тото место. Тоа е сериозно добра приказна во поглед на странските инвестиции“, оценува Дејвид Сиер, потпретседател и член на Управниот одбор на КПМГ.

Во последниот извештај за Македонија, КПМГ ги истакнува даночните поволности кои им стојат на располагање на компаниите, како и едуцираната и квалификувана работна сила. Тие нотираат дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, при што се воведени најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка.