Над 100 илјади Македонци живеат во Србија
Иванов и Николиќ во Панчево присуствуваа на одбележувањето на 70 годишнината од населувањето на Македонците во Војводина...

Во Војводина пред 70 години околу 20.000 македонски колонисти со „возот без возен ред“ организирано беа доселени најмногу овдека во Панчево, Јабука и околината, каде и денесе живеат. По тој повод, НС на македонска заедница во Србија под мотото „Мајка Македонија“ јубилејот го одбележува со Свечена академија на која присуствуваа и претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорѓе Иванов и Томислав Николиќ.
Засадувајќи го македонскиот даб како дрво на вечноста и пријателството, симболично започна манифестацијата, на која беше потпишан прототкол за збратимување на општина Македонски Брод и месната заедница Јабука.
Србија е единствен непосреден сосед на Македонија кој се грижи за македонската заедница, која заедно со српската заедница во Македонија се гарант на добрите односи меѓу двете држави, изјави на свечената академија претседателот Иванов.
„Со мојот пријател претседателот Николиќ отворено разговаравме и ги пренесов реалните потреби и легитимни очекувања на Македонците во Србија кои се однесуваат на изучувањето на македонскиот јазик, поголема застапеност во јавниот, политичкиот и општенствениот живот. Очекувам државните, покраинските и локалните органи на Р.Србија да излезат во пресрет на овие барања“, рече претседателот Иванов.
За да се оствари сето тоа потребно е да бидете сложни- им порача на Македонците од Србија, Иванов.
Од друга страна српскиот претседател Николиќ истакна дека Србија ги подржува процесите за зачувување на националниот, културниот и историскиот идентитет на македонците во Србија.
„Ви го честитам денешниот празник со порака дека секогаш ќе имате подршка во остварувањето на своите права и дека Србија е горда на своите граѓани кои пред 70 години дојдоа од Македонија во Војводина. Ова е вашиот дом, вашата куќа, вашата држава. Негувајте својата специфичност, негувајте ги врските со земјата на своите претци, чувајте го својот културен идентитет, бидејќи е скапоцен и добедојден како уште една убава и важна алка на силата на Р.Србија“, изјави Николиќ.
Според последниот попис во Србија живеат околу 30.000 македонци, но се проценува дека нивниот број е над 100.000. Македонскиот јазик е официјален службен јазик во општина Пландиште, македонскиот јазик се изучува во Јабука, Качарево и во Лесковац, а функционираат и ТВ и печатени медиуми на македонски јазик.
Оливер Бранковиќ, специјален известувач од Панчево за МРТ
