Банкарскиот сектор стабилен и ликвиден, штедните влогови сигурни

31.10.2016 15:00

Според податоците на Народна банка, во домашните банки и штедилници граѓаните имале депозити од речиси 3,5 милијарди евра или три пати повеќе од пред 10 години. Денеска е Светскиот ден на штедењето и во Стопанската комора на Македонија Здружението за банкарство традиционално ги врачи годишните награди на најдобрите шалтерски службеници.

Во банките има околу 5 милијарди евра, пари на граѓаните и на компаниите. Депозитите се зголемуваат. На Светскиот ден на штедењето, од Здружението за банкарство посочија дека банкарскиот сектор е стабилен, сигурен и ликвиден, има подготвеност за позасилено кредитирање.

„Банкарскиот систем е стабилен, сигурен, ликвиден и високо капитализиран. Штедните влогови во банките се сигурни. Банкарскиот сектор во наредниот период е подготвен да го кредитира населението, и посебно фирмите, за да им овозможи економски раст на истите, а преку тоа индиректно и економски раст на државата во целост“, изјави Коста   Митревски, Здружение на банкари.

Стабилноста на банкарскиот систем ја гради довербата на грѓаните- велат од Народната банка. Банките успешно го поминаа тестот по априлското повлекување на депозитите, ликвидноста е задржана.

„Банките усепаа да се справат со оваа појава, одржувајќи непречен континуитет во своите оперативни активности, благодарение на солидното ниво на ликвидните средства, кое се одржува на ниво од околу 28% од вкупните средства“, рече Милица Арнаудова- Стојановска, Народна банка на Република Македонија.

Министерот за финансии, Кирил Миноски, вели дека и во идниот период ќе се креираат мерки со кои ќе се обезбедат подобри услови за водење бизнис и ќе се поттикнува штедењето.

„Во текот на 2016 година беа донесени измените на Законот за банки. Со нив се направи усоглсување со стандардите во ЕУ, донесени како резултат на финансискта криза, а имаат за цел да го зајакнат капацитетот на банките со цел да се справат со ризиците“, вели Кирил Миноски, Министер за финансии.  

По повод Светскиот ден на штедењето на 42-ца најдобри банкарски шалтерски работеници им беа доделени благодарници.

 

Дијана Ценевска