Финансии

Објавени податоците за државниот и јавниот долг

31.10.2016 16:00

Државниот долг на Македонија достигна безмалку 42 проценти од БДП, а јавниот е 50,6 отсто. Растот во третиот, споредено со претходниот квартал Министерството за финансии го објаснува со јулската еврообврзница издадена за покривање на буџетскиот дефицит и враќање на кредити. Дополнителниот заменик минстер Наумов, предупредува дека е надмината критичната граница и бара фискална консолидација...

Министерството за финансии ги објави податоците за долгот на Македонија. Заклучно со третиот квартал од годинава, државниот изнесува 41,9 проценти од БДП, додека јавниот 50,6 проценти.

На крајот на септември, државниот долг на земјава изнесувал 3 милијарди 946 милиони евра, додека јавниот 4 милијарди и 759 милиони евра.

Од Министерството за финансии велат дека зголемувањето на државниот и на јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули, со која ќе се покрива буџетскиот дефицит, но и ќе вршат исплати по основ на доспени кредити, како оној во ноември во износ од 130 милиони евра. Додаваат и дека според податоците на Еуростат, Македонија и со новата состојба на државниот долг останува меѓу најмалку задолжените земји во Европа, бидејќи просекот во земјите членки на ЕУ е 85 проценти од БДП.

Сепак, дополнителниот заменик- министер за финансии, Кире Наумов, предупредува дека јавниот долг ги надминал критичните 50 проценти од БДП. Тој вели дека за 9 месеци се зголемил за 532 милиона евра, или дневно за два милиона. Бара фискална консолидација и промени за расходите да се усогласат со можностите на македонската економија.

 

Мартин Пушевски