Анкети

Трамп ѝ се доближи на Клинтон

31.10.2016 16:29

Обновената истрага на ФБИ против Хилари Клинтон наштети на нејзината изборна кампања. Таа го загуби водството од 6 проценти во анкетите и сега води пред Доналд Трамп на национално ниво со само еден процент.

Хилари Клинтон губи предност во изборната трка откако ФБИ ја обнови истрагата за нејзините и-мејлови. Претседателскиот кандидат на Демократите го обвини Доналд Трамп дека ја користи ситуацијата за да придобие гласачи.

„Навистина е многу чудно да се објави нешто такво врз основа на многу малку информации токму пред избори. Всушност не е само чудно, туку е без преседан и е многу загрижувачки, бидејќи гласачите заслужуваат да добијат целосни и комплетни факти. Затоа ние повикавме директорот Комеј да објасни се веднаш и да стави се на маса“, изјави Хилари Клинтон.

Директорот на ФБИ Џејмс Комеј доби предупредување од Департментот за правда дека не требал да испрати писмо за обновената истрага до Конгресот и на тој начин да влијае на изборите. 

„Ова е најголемиот политички скандал по Вотергејт. Сите длабоко мислат дека правдата конечно и соодтвено ќе биде испорачана“, рече Доналд Трамп.

Две третини од неопределените гласачи по обновената истрага на ФБИ, велат дека нема да гласаат за Клинтон. 

Според последната анкета на Еи-Би-Си, и Вашингтон Пост, Хилари Клинтон има 46 проценти поддршка, а Доналд Трамп 45 отсто.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ