Автомобилска асоцијација за поефикасна соработка

31.10.2016 17:02

Странски инвеститори во автомобилскиот сектор во Македонија и нивните добавувачи формираа Асоцијација преку која ќе ги поттикнуваат ораганизациските и менаџерски вештини на домашните фирми. Целта е да се зголеми процентот на репроматеријали- поддршка за зајакнување на конкурентноста.

Странските инвеститори во автомобилскиот сектор и нивните добавувачи од Македонија заедно ќе ги промовираат интересите. За извозно ориентираните компании, зголемениот процент репроматеријали- заштеда, за домашните фирми, можност да зголемат учеството во извозот. Асоцијацијата ќе поттикнува соработка, преку обуки и едукација- развој на организациски и менаџерки вештини, трансфер на современи технологии.

„Во автомобилскиот сектор во Македонија веќе имаат инвестирано 20 компании, што е повисока стапка во однос на соседните држави. Осумдесет проценти од компаниите во слободните економски зони работат во автомобилската индустрија и вработуваат над 13.000 лица во државава и во овој сектор допрва треба да дојдат новите работи“, рече денеска на промоцијата на Асоцијацијата, Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Во 2015-тата извозот од фирмите во автомобилската индустрија достигнал 380 милиони евра, за 20 насто поголем од претходната година. Политичката криза нема влијание- велат од Советот на странски инвеститори. Со автомобилскиот сектор во зоните, бизнис прават 500 домашни фирми, добавувачи на услуги, домашни материјали и репроматеријали.

„Целта на Асоцијацијата е како домашните компании да го зголемат процентот во репроматеријали, а со тоа да се зголеми и учеството во извозот, затоа што ако овие компании се 100 проценти извозно ориентирани, содржината во тој извоз сакаме да направиме да биде што повеќе македонска“, рече Аврам Стојчевски, претседавач на Асоцијацијата.

Работната сила- рак рана во овој сектор. За да одговорат на потребите, да заштедат време и пари за соодветни квалификации на вработените, Асоцијацијата ќе бара образовните институции да се активираат во процесуирање соодветни кадри. Членките велат, вратите на компаниите се отворени за соработка на сите нивоа.

Сузана Фиданска- Стоевска