Алпско скијање

Лигети и Хансдотер со победнички времиња

02.02.2014 17:47

По вчерашните откажувања поради лоши временски услови ...

По  вчерашните откажувања поради лоши временски услови, денеска иако во отежнати услови последните трки од Светскиот куп во алпско скијање пред Олимпијадата во Сочи сепак се одржаа.

Во Сент Мориц се возеше машкиот велеслалом. Тед Лигети извонредно се прилагоди на тешката патека и со голема супериорност го заврши натпреварувањето. Американецот со предност од 1 секунда и 51 стотинка ја забележа 2о- та јубилејна своја велеслаломска победа во кариерата.Австриецот Марсел Хиршер е втор, а трет Французинот Алексис Пинтуро. Голем губитник беше Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал, кој не го заврши второто возење и ја загуби лидерската позиција во генерален пласман. Хиршер е сега на чело на трката за Големиот кристален глобус со 955 бодови, пред Свиндал со 897 и Пинтуро со 774. Хиршер води и во редоследот во велеслалом со 460 бодови, пред Пинтуро со 365 и Лигети со 360.

Снегот кој постојано паѓаше и  нерамната патека беа условите во кои се одржа шестиот женски слалом во сезоната за Светскиот куп во Крањска Гора.Трка која вечно ќе ја памети Фрида Хансдотер, прва победничка во осум годишната кариера во Светскиот куп на 28 годишната Швеѓанка. Вистинска резултатска драма се одвиваше на патеката „Подкорен“,на која Хансдотер за нијанса беше побрза од Австриските сестри Шилд. Марлиз заостана за 5 стотинки, а помладата Бернандет Шилд за 15 стотинки.

Во слаломскиот поредок и натаму води Американката Шифрин со 438 бодови, пред Хансдотер со 358 и Марлиз Шилд со 325. Во генерален пласман на чело е Германката Марија Хефл-Риш со 1071бод, пред Тина Вајратер од Лихтенштајн со 943 и Ана Фенингер од Австрија со 871.

Натпреварите од Светскиот куп во алпско скијање ќе продолжат на крајот на февруари по завршувањето на Зимските олимписки игри во Сочи.