Повторно одложено рочиштето за случајот „Пуч“, овојпат на неопределено време

01.11.2016 11:47

Oдложено рочиштето за случајот „Пуч“ на неопределено време. Причина, немањето на безбедносни сертификати на две од поротничките. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева побара од судијката сите во судницата да се идентификуваат со безбедносен сертификат, со цел да не дојде до повторно одложување, но судијката одби. Во случајот четвртообвинет е лидерот на СДСМ, Заев.

Судијката поротник Олга Крстевска сама побарала да биде разрешена. На нејзино место е назначена Вања Штерјова. Судот дополнително, за случајот „Пуч“ ја ангажирал и поротничката Лилјана Ивановска- Кочковска. Но, двете новоназначени судијки поротнички немале безбедносни сертификати и поради тоа, судот реши да не почне главната расправа.

Иако од претходно како термини за судења беа назначени трети и седми овој месец,  тие нема да се оддржат затоа што рочиштето се одложува на неопределено време, како што појасни судијката, сѐ додека двајцата судии поротници не добијат безбедносни сертификати.

Специјалната обвинителката Катица Јанева побара од останатите членови на судечкиот совет да ги покажат своите безбедносни сертификати. „Како не ви е срам, една година го одложувате судењето“, рече обвинителката, но беше опомената да не го нарушува редот во судницата.

Адвокатите пак побараа судот да објасни зошто на денешното рочиште не е повикан поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски, кој е сведок во постапката, но и адвокатите добија опомена да не го нарушуваат редот и дека за секое наредно земање збор без одобрение, судот ќе изрече казна. По неколку натегања со странките, и опоменувања да престанат да дофрлуваат од место, судиите ја напуштија судницата.

Меѓу петтемина обвинети во случајот „Пуч“ се лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски. Се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и вршење насилство врз највисоките државни органи. 

Заев, според обвинението ги искористил снимките за да го уцени и присили екс- премиерот Груевски да формира техничка влада.

 

Анита Димитријевска