Финансии

Економистите и партиите за висината на јавниот долг

01.11.2016 14:02

Социјалдемократите најавија ревизија на задолжувањата на земјава, Министерството за финансии тврди дека половина од долгот е наследен од СДСМ.Откако се објавија податоците за висината на државниот и на јавниот долг на Македонија, економистите и партиите излегоа со свои оценки.

Економистите и политичките партии со реакции за задолженоста на Македонија. Според едни, црвената линија е одамна помината, според други, нивото на долгот се уште не е ризично. Универзитетскиот професор, Томе Неновски, објаснува дека задолженоста варира. Јавниот долг надминал 50% од БДП поради издадената еврообврзница, за во идниве месеци повторно да се спушти под психолошката граница, како резултат на отплатите. Според Неновски, околу 90% од долгот се покриени со националното штедење. 

Не е ризично. Нема економист што ќе Ви рече дека јавниот долг не треба или не може да се зголемува ако парите се користат за продуктивни цели и за подобрување на состојбите во економијата, давање можност на економијата да врши поврат преку додадена вредност и растечки БДП, особено преку капиталните инвестиции, за да може долгот да отплаќа во претстојниот период, а се разбира и да се врши соодветна фискална консолицација во годините коишто ни претстојат“, универзитетскиот професор Томе Неновски.

Според универзитетскиот професор Ванчо Узунов, нивото на јавниот долг е неодржливо. Предупреди дека црвената линија е помината одамна.

„Механички или калкулативно гледано ние се уште спаѓаме во групата на умерено или средно задолжени држави, но тоа е само гледано како бројка поделена со друга бројка. Ако се земе предвид капацитетот на економијата за враќање на овие долгови ние одамна сме многу задолжени, затоа што тие пари не се потрушени за цели или објекти кои во иднина ќе значат зголемена конкурентна способност и способност на економијата да го враќа долгот без потреси“, смета Узунов.

Реакции и од политичките партии. Социјалдемократите велат дека секој граѓанин борчи по 2.274 евра и најавија ревизија на задолжувањата. ЛДП предупреди дека долгот достигнал алармантни размери.

„Половина од долгот за кој СДСМ најавува дека ќе направи ревизија е наследен од нив“- реагираа од Министерството за финансии, од каде што велат и дека во земјава се спроведуваат интензивни инвестициски активности во инфраструктура.

Последните податоци за третиот квартал покажаа дека државниот долг изнесува 41,9 проценти од БДП, а јавниот 50,6 проценти.

 

Мартин Пушевски