Осигурителните компании на семејствата од поплавените подрачја им исплатиле 450 илјади евра
Осигурителните друштва заклучно со третиот квартал оствариле бруто премија од 6,62 милијарди денари што е раст на приходите за 4,86 проценти во однос на лани. На семејствата од поплавените подрачја им се исплатени 450 илјади евра, но осигурителните компании располагаат со уште 500 илјади евра дополнителни средства, бидејќи сѐ уште трае проценката на штетите. Граѓаните задоволни од навремената исплата.

Осигурителните компании исплатиле 450 илјади евра надомест за поплавените домаќинства во август годинава. Околу 860 од нив пријавиле штета од поплави, но само дел од нив биле дополнително осигурени. Гордана Соколовска од Ченто е меѓу оние малку 5,5 проценти кои го осигурале својот имот.
Покрај природни непогоди, некои од македонските граѓани се решаваат да го го осигураат имотот и од пожари. Таков е случајот со пензионерката Вера Тозиева од Скопје. Тоа го направила на време зашто годинава и изгорел домот.
Заклучно со третиот квартал осигурителните компании склучиле осигурителни полиси по различна основа во вредност од 6,62 милијарди денари. Ова е пораст за 4,86 проценти во однос на лани. Од агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека само во делот на неживотното осигурување се потпишани договори од 5,8 милијарди денари. Пораст има и кај животното осигурување .
Компаниите располагаат и со дополнителни пари, резерва наменети за покривање на штети.
Годинава во осигурителниот бизнис во Македонија е куриозитетна по нешто друго. Исплатена е најголемата отштета од осигурителните компании во земјава. За урнатиот хеликоптер кај Струмица, МВР доби премија од 6,7 милиони евра.
Дијана Ценевска
