Потребна е координирана акција за развој на пазарот на капитал

01.11.2016 15:45

Потребна е координирана акција на државата, банкарскиот сектор и на берзата за да се овозможи развој на пазарот на капитал што ќе го олесни финансирањето на компаниите и креирањето нови работни места. Дебата во Македонската берза за релациите меѓу државата и пазарот на капитал.

Потребна е координирана акција на државата, банкарскиот сектор и на берзата за да се овозможи развој на пазарот на капитал што ќе го олесни финансирањето на развојот на компаниите и креирањето нови работни места. Ова е клучната порака од дебатата организирана од Македонската берза и магазинот „Економија и бизнис“. Многу е важно да се добие поддршката од државата за да може пазарот на капитал да ја исполни оваа важна улога, смета Јоханес Такач од ЕБРД. Според него пазарот на ликвиден капитал може да го поддржи економскиот раст, но само приватниот капитал создава нови работни места.

„Затоа мора да постои координирана акција меѓу државните институции и приватниот сектор, односно пазарот на капитал и се покажува преку разно разни студии дека развиениот банкарски сектор со поддршка од државата може навистина да даде голем поттик за развојот на пазарот на капитал и на економијата воопшто. Јас мислам дека постојат добри практики од држави кои што се со различни големини и се наоѓаат во различна фаза од својот економски развој“, изјави Ханес Такач, помошник директор во Европска банка за обнова и развој, Лондон.

Експертската јавност посакува демократизација на финансискиот пазар, односно зголемен број хартии од вредност, учесници и посредници, пазар на формирање каматни стапки, но не и анархија, за што е потребно зацврстување на правилата на игра и спречување на инсајдерско тргување. Да се направат дополнителни напори приватниот сектор да не го базира развојот само на кредити туку и преку прибирање слободен капитал преку берзата.

„Државата тука се јавува и како контролор и како регулатор, но и како учесник, инвеситор, емитент на акции. Развојот на пазарот на капитал е долг процес, нема краткорочни лесни поместувања, поврзано е со менталитетот, бизнисите, сигурноста, одржливоста на правниот систем. Доаѓа до некои чекори на подобрување во регионот, кај нас можеби и побавно“, смета Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза АД- Скопје.

Не се на повидок некои окрупнувања во друга форма, вели Штериев, но ова интегрирање на регионално ниво преку заедничката платформа оди со добро темпо, а набрзо ќе се приклучат и берзите од Љубљана и Белград.

 

Свето Николовски