Повторно одложено рочиштето за случајот „Пуч“

01.11.2016 16:26

Повторно одложено рочиштето за случајот „Пуч“, овојпат на неопределено време. Причина- немањето на безбедносни сертификати на две од поротничките. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева побара од судијката сите во судницата да се идентификуваат со безбедносен сертификат, за да не дојде до повторно одложување, но судијката одби. Во случајот четвртообвинет е лидерот на СДСМ, Заев кој изјави дека судот води политички, а не правен процес.

Судијката поротник Олга Крстевска сама побарала да биде разрешена. На нејзино место е назначена Вања Штерјова. Судот дополнително, за случајот „Пуч“ ја ангажирал и поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска. Но, двете новоназначени судијки поротнички немале безбедносни сертификати и поради тоа, судот реши да не почне главната расправа.

Иако од претходно како термини за судења беа назначени трети и седми овој месец,  тие нема да се оддржат затоа што рочиштето се одложува на неопределено време, како што појасни судијката се додека двајцата судии поротници не добијат безбедносни сертификати.

Специјалната обвинителката Катица Јанева побара од останатите членови на судечкиот совет да ги покажат своите безбедносни сертификати. „Како не ви е срам, една година го одложувате судењето“, рече обвинителката, но беше опомената да не го нарушува редот во судницата.

Адвокатите пак побараа судот да објасни зошто на денешното рочиште не е повикан поранешниот претседател на Владата Никола Груевски, кој е сведок во постапката, но и адвокатите добија опомена да не го нарушуваат редот и дека за секое наредно земање збор без одобрение, судот ќе изрече казна. По неколку натегања со странките, и опоменувања да престанат да дофрлуваат од место, судиите ја напуштија судницата.

„Зошто судијата не повлече веднаш поротници- судии кои имаат безбедносен сертификат? Зошто и денеска не е повикан единствениот сведок Никола Груевски да дојде на ова судско рочиште? Ова денеска потврдува само едно- ова македонско судство мора да биде променето“, рече  претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

По одложувањето на рочиштето, од Основниот суд рекоа дека за предметот „Пуч“ до сега биле одржани 0 главни расправи, од кои 6, како што велат од судот биле одложени бидејќи обвинетите биле на службени патувања. Три расправи, велат од судот се одложени по барање на СЈО, од кои една расправа е одложена заради приватна прослава на обвинителката Јанева, а само минатата расправа, се вели во соопштението од судот, е одложена поради болест на еден од судиите - поротници. Од СЈО пак демантираат дека расправата била одложена поради приватна прослава на обвинителката Јанева. Велат дека одложувањето е резултат на тоа што кривичниот суд не ги давал доказите на Специјалното обвинителство. Во реакцијата на СЈО се вели дека во времето кога за случајот „Пуч“ било надлежно обвинителството за организиран криминал, имало дури пет одложени рочишта.

Меѓу петтемина обвинети во случајот „Пуч“ се лидерот на опозицијата Зоран Заев и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски. Се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и вршење насилство врз највисоките државни органи.  Заев, според обвинението ги искористил снимките за да го уцени и присили екс- премиерот Груевски да формира техничка влада.

 

Анита Димитријевска